Шпанската влада ќе воведе итни мерки за заштеда на енергија поради енергетската криза што и се заканува на Европа.
Мерките предвидуваат во сите јавни установи, трговски центри, кина, хотели, аеродроми и јавниот превоз, уредите за климатизација да не смеат да се поставуваат на температура пониска од 27 степени во лето и повисока од 19 во зима.
Како што најави министерката за еколошка транзиција, Тереза Рибера, мерките ќе важат до 1 ноември 2023 година, со што земјата ќе се обиде да ја намали потрошувачката на гас за седум отсто, јавува Радио Слободна Европа.
– Овој пакет мерки е неопходен во критична ситуација кога на Европа и е потребна помош од Шпанија. Време е за солидарност, рече Рибеира.
Шпанија ги презема овие мерки за да ги исполни обврските преземени во европскиот план за итни случаи договорен минатата недела.
Мерките воведени од Шпанија, исто така, бараат од бизнисите да ги држат вратите на нивните објекти затворени со помош на автоматски систем што мора да се инсталира до 30 септември. Како што појасни министерката, целта е да се избегне излегување на топол или ладен воздух.
Осветлувањето во неискористените канцеларии, излозите и спомениците мора да се исклучи по 22 часот, а проверките на енергетската ефикасност во одредени згради се задолжителни.
Рибера го повика приватниот сектор да го зголеми обемот на работа од дома.