Грковска и група средношколци симулираа владина седница: Праведна држава со нулта толеранција за корупцијата, квалитетно образование и ефикасно здравство се областите за кои треба брза акција

Праведна држава со нулта толеранција за корупцијата, добро организиран и квалитетен образовен и здравствен систем, социјална држава во која помошта оди на вистинското место се прашањата што учениците од повеќе средни училишта од Валандово, Гевгелија, Велес и Скопје ги отворија во рамки на денешната посета на Владата, што ја организираше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Во рамките на проектот „Граѓанско учество, кој се реализира со поддршка на УСАИД, вицепремиерката Грковска е во тесна соработка со младите од целата земја, со кои отворено разговара за прашањата за интегритет, добро владеење, младински активизам, антикорупциски политики, дигитализација, но и за сите предизвици со кои се соочуваат младите и во текот на образованието, но и потоа во процесот на дефинирање на нивната професионална иднина.

Вицепремиерката Грковска, заедно со средношколците симулираа владина седница на која учениците во улога на членови на Владата разговараа за најгорливите прашања во државата, но истовремено нудеа и решенија.

„Овие активности со УСАИД, кои се поврзани со интегритетот и со доброто владеење, се многу важни. Како држава мора да создадеме систем на интегритет кој ќе се создава и унапредува од најмали години. Прашањето на интегритет се однесува на секој од нас. И на носителите на функции, но и на сите граѓани во оваа држава. Тоа е прашање на вредности. И затоа и кампањата што со мојот Кабинет ја реализираме е под насловoт „Зависи од мене и тебе”. Дали ќе одиме напред зависи од сите нас”, нагласи вицепремиерката Грковска.

Во однос на антикорупциските политики учениците од средните училишта оценија дека во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) треба да се утврди  потеклото на имот на носителите на јавни функции, но и на судиите и на обвинителите, за да се утврди дали некој преку злоупотреба на функцијата се стекнал со поголем имот.

Учениците исто така побараа брзи и ефикасни реформи во здравството, кои ќе опфатат акциски план со конкретно утврдени рокови, но и инвестиции во медицинска опрема.

Во однос на образованието учениците сметаат дека мора да се отстранат сите политички влијанија од сите структури, бидејќи тоа на крај негативно се одразува врз учениците и врз наставниот кадар.

По посетата на Владата, вицепремиерката Грковска за групата средношколци организираше и неформално дружење и отворено разговараа за предизвиците со кои се соочуваат младите, за плановите после завршувањето на средното образование, но и за начинот на кој може да се подобрат можностите во нашата држава, за младите својата иднина да ја градат тука.

Треба да знаете
Последни објави