Повеќе од 500 луѓе го загубија животот во големите поплави во Пакистан, последица на обилните монсунски дождови што изминатите неколку седмици ги зафатија југозападните провинции на земјата.
Националната агенција за справување со кризи соопшти за 502 жртви, од кои 98 жени и 191 дете.
Во поплавите се оштетени повеќе од 40 илјади станбени објекти, како и повеќе од 2500 километри патна мрежа, оставајќи илјадници лица без покрив над главата, најмногу во оддалечените рурални подрачја.
Најзасегнати од невремето се провинциите Балочистан и Синд, зафатени од екстремно обилни врнежи за кои се смета дека се делумно последица од климатските промени.
Милиони луѓе меѓу кои и голем број деца се изложени на ризик од појава на заразни болести преносливи со вода, во услови кога државата ги ангажира сите ресурси за да достави помош до настраданите подрачја, како и да помогне во евакуација на луѓето од отсечените области.
Статистичките податоци укажуваат на зачестеност на елементарните непогоди во Пакистан последните години, од обилни врнежи проследени со поплави до екстремно високи температури со сушни периоди, како и забележително влошување на квалитетот на воздухот заради загаденост со смог.