Голманот на данската фудбалска репрезентација Каспер Шмајхел (35) ги напушти редовите на премиерлигашот Лестер и кариерата ќе ја продолжи во Ница, соопшти францускиот прволигаш.
Шмајхел го чуваше голот на Лестер 11 години и беше миленик на навивачите, а неговиот нов клуб не ги објави финансиските детали од договорот.
– Во текот на времето кое го мина со нас, а особено како капитен, Каспер секогаш беше играч подготвен да стане и да преземе одговорност, водејќи ја екипата. Неговото влијание и неговото лидерство на теренот и надвор од него доволно зборуваат за него како професионалец, како фудбалер и како човек, соопшти Лестер.
Синот на легендарниот дански голман Питер Шмајхел за Лестер одигра 479 натпревари и е трет според бројот на настапи во клупската историја, зад Грахам Крис (600) и Адам Блек (557).