И покрај доброто прво полувреме, македонската јуниорска кошаркарска репрезентација го забележа и петтиот пораз на Европското првенство во Измир откако Грција со 77:61 беше подобрата репрезентација во мечот за пласман од 9. до 16. место.
Грците имаа одлична прва четвртина, во која поведе со 23:17, меѓутоа избраниците на Тони Симиќ се вратија во втората четвртина за на полувремето да имаат еден поен предност (39:38). Но, во второто полувреме беше очигледен падот на играта за Грците да направат двоцифрена предност, што ја задржа до крајот.
Теодор Симиќ со дабл-дабл од 15 поени и 11 скока беше предводник на Македонија, додека него го следеа Бошалески и Шошкиќ со по 12 поени и 5 скока, односно 7 асистенции. Лидер на Грција со 18 поени, 8 скока и 6 асистенции беше Константинос Корконзелос.
И покрај денешниот пораз Македонија останува со шанса да избори место во А-Дивизија и следната година, но за тоа ќе требаат победи во следните два натпревара. Првиот од нив е против Црна Гора.