Фудбалерите на АЕК Ларнака одиграа солиден натпревар и славеа против Партизан со 2-1 во првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на Европа. Иван Тричковски и соиграчите со пресврт го совладаа гостинот од Србија, радувајќи ги своите фанови на „АЕК Арена“ во Ларнака.
По воведното испитување на силите, Партизан рано успеа да дојде до водство. Квинси Мениг по асистенција на Гомеш го отвори резултатот по 18. минути игра (0-1).
АЕК беше на потег, ама одбраната на гостите делуваше солидно. Сепак, тоа не ги спречи домашните играчи на Кипар да дојдат до израмнување. Погодокот дојде во 34. минута, по првата вистинска шанса. По еден корнер на Густаво, од втората статива Томовиќ врати на пеналтикот, па Анхел Гарсија ја смести во мрежата за 1-1.
Второто полувреме тргна во знакот на гостите, бидејќи Рикардо Гомеш ја стресе рамката од домашниот гол. По центаршут, напаѓачот на Партизан од тешка позиција со глава ја погоди пречката. Во продолжението, Тричковски по еден час игра беше заменет со Алтман. Течеше 70. минута кога АЕК од нова мешаница успеа да профитира и да поведе со 2-1. По корнер, на втората статива топката дојде до Гама, која ја префрли на петерецот, а Хрвоје Миличевиќ ја уфрли во мрежата на Стевановиќ.
До крајот немаше резултатски промени и АЕК успеа да ја одбрани стекнатата предност. Реваншот се игра за седум дена во Белград, во терминот од 21:00 часот, а подобриот оди на мегдан со Днипро.