Актерката Ен Хеч (53) добила тешки изгореници откако нејзиниот автомобил удрил во еднокатна куќа во населбата Мар Виста во Западен Лос Анџелес. Автомобилот се запалил, а огнот набрзо ги зафатил украсните грмушки во дворот и куќата.
Иако се уште нема официјална потврда дека Хеч навистина бил зад воланот на автомобилот, официјалните лица потврдија дека синиот Mini Cooper е регистриран на нејзино име. За медиумските екипи кои пристигнале на местото на несреќата неофицијално било потврдено дека автомобилот го управувала Хеч и дека таа е пренесена во болница.
Приказната е полна со чудни детали. ТМЗ откри снимка за која тие тврдат дека го прикажува автомобилот на Хеч како со голема брзина се движи по мирната улица во Мар Виста. Пронајдоа и фотографии на кои се гледа дека пред несреќата, неколку улици подалеку, удрила во гаражата на станбен комплекс. Оттаму известуваат дека жителите сакале да и помогнат да излезе од автомобилот, но таа отишла во рикверц и се оддалечила. Потоа е направена фотографија на која се гледа „сомнително“ шише со црвено капаче во држачот за чаши, за кое се претпоставува дека е шише со алкохолен пијалок. Набргу потоа, Хеч удрила во куќата во близина, автомобилот се запалил, а потоа и куќата, каде за среќа никој не е повреден.
На местото на несреќата пристигнале речиси 60 пожарникари, а пожарот кој ја зафатил куќата бил изгаснат по еден час.Пожарникарната служба на Лос Анџелес соопшти дека несреќата предизвикала „структурна штета“ и „силен пожар“ на куќата.