Манчестер јунајтед ја почна новата сезона како што ја заврши минатата со пораз од Брајтон

Славниот англиски фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед ја почна новата сезона, како што ја заврши минатата со пораз од Брајтон (1:2). Пред три месеци пресметката меѓу овие две екипи заврши со убедлив триумф за Брајтон од 4:0.

Првото големо изненадување на на стартот од новата сезона во Премиер лигата и тоа на славниот „Олд Трафорд“ го приреди Брајтон демонстрирајќи му на новиот тренер на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг дека го чека „ѓаволски“ тешка задача да ја врати екипата во битката за трофеите.

Првото полувреме помина во апсолутна доминација на фудбалерите на Брајтон кој со головите на Паскал Грос во 30 и во 39 минута поведе со 0:2.

Во второто полувреме, Тен Хаг го внесе во игра и Кристијано Роналдо, сите карти ги фрли на напад но неговите играчи успеаја да дадат само почесен гол кој во 66 минута беше автогол откако Аргентинецот Алексис Макалистер ја погоди сопствената мрежа. Јунајтед имаше уште две шанси преку Маркус Рашфорд да избегне пораз, но не ги реализира.

Брајтон така ја забележа првата победа во клупската историја на „Олд Трафорд“

Во вториот натпревар кој се играше од 15 часот, Лестер и Брентфорд ги поделија бодовите играјќи 2:2. Домашниот тим имаше водство од 2:0 по головите на Кастање и на Девсбери-Хол во 33. и 46. минута, но играчите на Брентфорд успеаја да го избегнат поразот благодарение на головите на Тони во 62. и на Дасилва во 86. минута.

Треба да знаете
Последни објави