Марковски: Работнички е подготвен да собира бодови во новата сезона

По вчерашното отворање на новата фудбалска сезона во прволигашката конкуренција во Македонија со дуелот Струга ТЛ – Победа (3:0), денеска (17.30 ч.) на програмата се уште два дуели во Струмица, каде Академија Пандев ја пречекува штипоска Брегалница и во Кратово повратникот во прволигашкото друштво Силекс ќе игра против Работнички. Натпреварот Шкендија – Скопје е доложен за 17 август, додека мечот Тиквеш – Шкупи ќе се одигра на 7 септември. Македонија ЃП во 1. коло поради откажувањето од натпреаврувањето на Ренова ќе биде слободна.

Работнички со нов шеф на стручниот штаб, Љупчо Марковски – Калц, му гостува на Силекс кој по само една сезона поминато меѓу второлигашите се врати во елитното друштво.

-Работевме напорно во изминатиот период и верувам дека сме добро подготвени за почетокот на новата сезона во Првата фудбалска лига. Се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе оствариме поволен резултат. Имаме максимален респект за противникот, но секако веруваме и во нашите квалитети, вели шефот на стручниот штаб, Љупчо Марковски.

Во Струмица, Академија Пандев ќе го пречека тимот на Брегалница. Штипјани имаат посилен тим од лани, а тренерот Илчо Ѓорѓиоски е оптимист.

-Мотото на Брегалница и во новата сезона ќе биде чекор по чекор до својата цел. Јасно е дека буквално секој натпревар е најважниот за нас во првенството, и така верувам ќе се однесуваме на терен. Но, ако нешто знам тоа знам дека моите фудбалери на сите средби ќе дадат се од себе за да дојдат до позитивни резултати, вели Илчо Ѓорѓиоски, тренерот на Брегалница.

Треба да знаете
Последни објави