Новиот гол-мајстор на Барселона, полскиот фудбалски интернационалец Роберт Левандовски беше во елемент на полниот „Камп Ноу“ на дуелот од овогодинешното издание на „Гампер купот“, против мексиканскиот тим Унам Пумас. Она што не му успеа на Левандовски на мечевите во САД, против Реал Мадрид, Јувентус и Њу Јорк Ред Булс, засилувањето на Барселона од Баерн, го стори со стил против мексиканскиот тим и домашната публика.
Барселона после само 10 минути игра поведе со 3:0 против мексиканскиот тим Унам Пумас, а во 20-та минута беше 4:0 за на крајот да салави со 6:0. Левандовски по само три минути игра во свој стил го помина голманот и од мртов агол ја погоди мрежата.
Левандоски во продолжение уште двапати асистираше за головите на Педри, а во фуриозните 20 минути на теренот, во листата на стрелците се запиша и Дембеле. Петтиот погодок во мрежата на Пумас беше дело на Обамејанг, а точка на убедливата победа со половина дузина голови стави Френки Де Јонг.
На Дани Алвеш кој минатата сезона играше за Барса, ова му беше своевидно простување со навивачите и довчерашните соиграчи.