Седумкратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон открива дека морал да ја одбие понудата од Том Круз да биде дел од новиот филм „Топ Ган: Маверик“ поради Формула 1 календарот. 37-годишниот Хамилтон и претходно беше дел од Холивуд, откако имаше епизодна улога во „Зулендер 2“ и го позајми гласот за филмовите „Карс 2“ и „Карс 3“.
Британецот открива дека бил голем фан на оригиналниот „Топ ган“ и дека детска желба му била да биде пилот на небо, а не во Ф1 болид, така што ова било емотивно откажување на шанса која се пружа еднаш во животот.
„Јас сум пријател со Том Круз, кој е еден од најдобрите луѓе кои можете да ги најдете. Ме покани кога го снимаа ‘Edge of Tomorrow’ и оттогаш сме пријатели. Кога дознав дека излегува нов ‘Топ ган’ веднаш си кажав дека сакам улога, што било, да бидам чистач во позадина. Но, тој отиде понатаму и ми понуди улога на пилот. За жал, морав да го одбијам тоа“, вели Хамилтон во интервју за „Венити фер“.