Крстевски: Чекор по чекор да минеме во претквалификациите за ЕП 2025

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Бојан Крстевски, ги искажа своите очекувања за претстојните натпревари од претквалификаците за Евробаскет 2025.

Црвено-жолтите ќе се сретнат со Данска и со Словачка во августовскиот прозорец.

– Пред сè, имаме некои дваесетина дена, од кои седум во Маврово, добро да се подготвиме и да влеземе во натпреварувачки ритам. Екипата сега е малку повеќе комплетна во однос на претходно, имаме и нов селектор со кого добро се познаваме. Ни претстои и еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуели, вели Крстевски за сајтот на КФСМ.

Покрај Данска и Словачка противник на Македонците во групата „Д” ќе биде и  селекцијата на Норвешка.

– Се надевам дека ќе ги минеме овие претквалификации. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и имаме позитивен скор, се надевам дека така и ќе продолжи. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат, затоа што денес сите играат кошарка. Одиме чекор по чекор и се надевам на позитивен исход. Секој играч ни е добредојден за овие предизвици, истакна Крстевски.

Македонскиот национален тим на 25 август гостува во Нествед кај Данска, додека три дена подоцна, на 28 август, во Скопје, ја пречекува Словачка. 

Треба да знаете
Последни објави