Како што беше најавено од турските медиуми, Енис Барди следната сезона ќе го носи дресот на турскиот шампион. Македонскиот репрезентативец пристигна во Турција за да го комплетира трансферот. Прво ќе следуваат лекарските прегледи, а потоа потпис со шампионот на Турција, со кој следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Барди привлече големо внимание во Турција, а првите негови зборови се дека е среќен што ќе потпише за шампионот на Турција.
– Многу сум среќен што сум овде. Сега остануваат уште административните работи. По завршувањето на овие процедури, ми преостанува да се сретнам со тренерот и новите соиграчи. Да се биде дел од шампионски тим за мене е голема гордост. Можноста да играм во Лигата на шампионите, оваа прилика е нешто што го чекав долго време. Тоа е огромна мотивација за мене, изјави Барди.
Трансферот со бонуси ќе го чини Трабзон околу 10 милиони евра. Интересно е тоа што пред неколку дена за Фенербахче потпиша Езгјан Алиоски, па следната сезона, пресметките помеѓу Трабзон и Фенербахче ќе бидат интересни и за фудбалските фанови од Македонија.