Барселона неуспешно влезе во новата сезона, одигра без голови против Рајо Ваљекано, на чиј гол блескаше Македонецот Столе Димитриевски. Првиот официјален меч во сезоната ги разочара навивачите кои очекуваа многу повеќе од засилувањата, особено од Роберт Левандовски.
„Полјакот можеше многу да научи на овој натпревар. Првата лекција, текот и интензитетот на играта е многу поинаква кога работите стануваат сериозни, отколку на пријателските натпревари. Во еден дел од играта, особено во првото полувреме, често беше изолиран и мораше да се враќа на својата половина“, пишува „Марка“.
Мадридскиот дневен весник се осврна и на моментот во кој Левандовски ја повика публиката посилно да го бодри тимот.
„Друга лекција што Левандовски можеше да ја научи е дека навивачите овде и не го поддржуваат својот тим. Да, тие се мотивирани на големи натпревари, но не и против Рајо Ваљекано. Ова не е Бундес лига, па Левандовски мораше да побара поддршка од навивачите“, се додава во текстот.
„Предупредување за Левандовски: Ова не е Бундес лига“, е насловот на текстот на германски „Билд“ кој внимателно го проследи официјалното деби на Полјакот во дресот на Каталонците.
„Мундо Депортиво“ пишува дека на Левандовски му недостигала врска со остатокот од тимот, иако неговиот напор бил многу видлив.
„Работеше многу за да отвори простор, но немаше кој да му се придружи“.
Каталонски спорт оцени: „Барселона се мачеше да најде простор и да создаде можности во првото полувреме во кое Левандовски беше речиси незабележан“.
А во исто време, неговиот поранешен клуб Баерн гази без него. Во првенството славеа на двата досегашни меча со гол разлика 8-1, додека во германскиот Суперкуп го победија РБ Лајпциг со 5:3. Така, по заминувањето на Левандовски сезонава постигнаа 13 гола на три официјални натпревари…