Седлоски: Шкупи има квалитет да се пласира во групната фаза во Лигата на Конференции

Тренерот на македонскиот фудбалски првак Шкупи, Гоце Седлоски е оптимист пред двомечот со Балкани од Косово, кој почнува со првата пресметка утревечер (21 ч.) во Скопје, во рамките од плејофот во Конференциската лига на УЕФА, дека чаирчани можат да стигнат до групната фаза.

Со евентуален успех, македонскиот шампион ќе стане втората екипа од нашата држава која изборила учество во групна фаза во еврокуповите. Првиот тим е Вардар кој играше во групите од Лига Европа.

Седлоски смета дека неговите играчи со настапите на евро-сцената сезонава покажале дека со право можат да се надеваат на победа над Балкани.

– Ќе дадеме максимални напори да се радуваме на крајот на пресметките со Балкани. Противникот ни е познат од пријателскиот натпревар во подготвителниот период. Тие покажаа дека се квалитетен тим. Кај нас е позитивно тоа што сме комплетни без повредени играчи. Очекувам добро наше издание и со трпелива игра да дојдеме до посакувана цел, изјави Седлоски.

Слично како тренерот Седлоски, размислува и Бесир Демири кој вети максимално залагање на сите играч кои ќе добијат шанса да настапат.

Натпреварот Шкупи – Балкани ќе се игра утревечер од 21 часот на Национална арена „Тодор Проески” во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави