Лејкерси открија кога ќе замине во историјата дресот со бројот со кој настапуваше Гасол

ЛА Лејкерс го одреди датумот кога ќе биде пензиониран дресот на Пау Гасол. По шест и пол години, во кои им помогна да освојат две титули, Лејкерси ќе го подигнат бројот 16 под покривот на Crypto.com арената на 7. март, кога Мемфис Гризлис, поранешниот тим на Шпанецот ќе гостува во Лос Анџелес.

Гасол дојде во НБА од Барселона на 21. годишена возраст, откако Гризлис го избраа како трет пик на драфтот одржан во 2001 година. Тој беше прогласен за дебитант на годината, во 2006 година стана Ол-стар, а во 2008 година во трејд пристигна во Лејкерси.

Тој беше играчот кој му беше потребен на Коби Брајант во неговата потрага по првите титули по разделбата со Шекил О’Нил. Веќе во првата заедничка сезона стигнаа до финалето, во кое загубија од Бостон, но во следните две години освоија прстени победувајќи го Орландо, а потоа и Бостон.

Лејкерси ги напушти во 2014 година како слободен играч и до крајот на кариерата играше за Чикаго, Сан Антонио и кратко за Милвоки, а кариерата требаше да ја продолжи во Портланд, но ја прекина поради повреда, во 2021 година го одигра финишот од сезоната во дресот на Барселона.

Настапи и на Олимписките игри во Токио, каде Шпанија беше елиминирана од САД во четвртфиналето. Со репрезентацијата освои 11 медали на големите натпреварувања, меѓу кои едно светско и три европски злата и две сребра и една бронза од Олимписките игри.

Треба да знаете
Последни објави