Екипата на Еурофарм Пелистер го освои 13. трофеј на Струшкиот ракометен турнир, израмнувајќи се со РК Вардар со ист број на титули, откако синоќа го совлада тимот на Целје.
Поради лошите временски услови и лизгавиот терен на отвореното ракометно игралиште „Горан Попоски Бабец” од дождот што го прекина натпреварот, организаторот во договор со двете екипи одлучи победникот да се решава на пенали. Поуспешни или посреќни беа битолчани, кои во серијата од по 10 шута, победија со 7:6.
Во борбата за бронзениот медал подобар беше тимот на Татран Прешов, кој триумфираше со резултат 26:24 (17:17) против минатогодишниот освојувач на турнирот Вардар.
Грчки АЕК пак со победата над Алкалоид го освои петтото место 29:26 (16:13).
Домаќинот Струга заврши седми со победа над скопски Бутел со 26:24, пред домашната публика во спортската сала „Нико Нестор”.
За најдобар играч на турнирот беше прогласен Жарко Пешевски од Еурофарм Пелистер, неговиот тимски колега Урбан Лесјак е за најдобар голман, а најдобар стрелец на турнирот со 24 постигнати гола е македонскиот репрезентативец Филип Талески.