Екипите на Макаби, Бенфика и на Викторија Плзењ ќе играат во групната фаза од фудбалската Лига на шампионите. Ова е епилогот по синоќешните реванши на три пресметки во плејофот.
Израелскиот шампион Макаби Хаифа одигра 2:2 во Белград и со вкупни 5:4 ја елиминира Црвена ѕвезда. Домаќините поведоа со 2:0, но и тоа не беше доволно да се радуваат на крајот. Клучниот момент се случи во 90.минута кога Милан Павков си постигна автогол и го елиминира својот тим.
Бенфика по втор пат го совлада Динамо Киев, овој пат на домашен терен со 2:0 и со вкупни 5:0 оди во групната фаза.
Викторија Плзењ со два гола во второто полувреме дојде до победа од 2:1 над Карабах од Азербејџан. Чешкиот тим на гости одигра 0:0, па минималната победа му беше доволна за конечен триумф.
Поразените екипи одат во групната фаза на Лигата на Европа.
Вечер ќе се одиграат уште три реванши за пласман во Лигата на шампионите.