Поранешниот менаџер на Наполи, Андреа Агостинели ги советуваше „аѕурите” да не го ангажираат напаѓачот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо.
Во пресрет на затворањето на преодниот рок, италијанските медиуми објавија дека 37-годишниот Португалец би можел да се пресели во наполитанскиот клуб доколку напаѓачот Виктор Осимен се пресели во редовите на „црвените ѓаволи”.
– Би сакал да ги слушнам размислувањата на Спалети за тоа дали евентуалното доаѓање на Кристијано во добро склопен тим ќе биде проблем или не. Некои играчи веќе почнаа да се бунтуваат. Роналдо можеби постигнува голови, но игра за себе. Зошто да си создаваш проблем? Доколку дојде Кристијано, ќе мора да игра постојано. Сигурен сум дека Спалети не го сака Роналдо во тимот. Ако ти дадат 100 милиони евра, треба да го продадеш Осимен, но не е неопходно да се потпише Португалец на негово место, истакна Агостинели.
Оваа сезона Роналдо учествуваше на четири натпревари во Премиер лигата, нема постигнато гол или асистенција. Договорот на напаѓачот со клубот е до 30 јуни 2023 година.
Осимен има два гола и една асистенција на два меча за наполитанците во Серија А Договорот на напаѓачот со клубот е со важност до летото 2025 година.