Барса го згази Ваљадолид, Левандовски блескаше со два гола! (ВИДЕО)

Како што течат натпреварите во Ла Лига, излезе дека Столе Димитриевски направил голема работа кога ја сочува мрежата празна, во првата рунда, кога неговиот Рајо Ваљекано одигра 0-0 против Барселона, бидејќи каталонската машинерија почна да меле доминантно.

Во второто коло му даде четири гола на Реал Сосиедад на гости (4-1), а во третово го повтори напаѓачкиот ефект, но без примен гол и славеше со 3-0 против Ваљадолид пред своите навивачи. Резултатот беше начнат во 23. минута, кога двете нови засилувања продуцираа гол, Рафиња како асистент, а Роберт Левандовски како непогрешлив реализатор, иако требаше да се растегне, да направи акробација за да ја допре топката со копачката и таа да влезе во мрежата.

До крајот на првиот дел беше и 2-0, кога Педри стави точка на една акција, по додавањето на Дембеле, а Французинот е запишан како додавач и за третиот гол, иако таму сите комплименти одат кон Левандовски и неговата велемајсторска завршница. Конечниот резултат го постави Серхи Роберто во судиското продолжение. Со седум бода, Барса е на второто место на табелата, зад Бетис, кој засега е единствен со максимални три победи, но може да му се придружи Реал Мадрид по вечерашново гостување кај Еспањол.

 

Треба да знаете
Последни објави