Разбојнците кои го претепале и ограбиле Пјер-Емерик Обамејанг се од Косово, тврди шпанскиот портал „Ара“.
Четворица разбојници успеале да влезат во домот на Обамејанг во раните утрински часови, а потоа со палки ги нападнале напаѓачот на Барселона и неговата сопруга и им задале неколку удари. Им се заканувале со пиштоли и ги врзале, а потоа им ја уништиле куќата и ги ограбиле. Штетата се проценува на повеќе од 300.000 евра.
Иако добиле неколку удари, за среќа Обамејанг и неговата сопруга не се повреден.
Откако разбојниците си заминале, тие успеале да се ослободат и да повикаат полиција. На полицајците им опишале како изгледаат разбојниците и откриле дека зборувале на италијански. Четворицата разбојници побегнале со „Ауди А3“, што потврдиле и снимките од надзорните камери. Шпанскиот портал „Ара“ тврди дека полицијата го знае идентитетот на лицата кои упаднале во куќата на играчот на Барселона.
Наводно, станува збор за група разбојници од Косово кои со години вршат вакви разбојништва. Обамејанг е една од нивните многубројни жртви. Тие го следеле Аубамејанг со недели, еднаш се обиделе да упаднат во неговиот дом, но биле спречени од алармот. Но, синоќа дошле подготвени и ги исклучиле алармите и влегле во куќата.
Ваквите групи со години предизвикуваат проблеми низ Шпанија, а клубовите претходно ги советуваа играчите да не објавуваат фотографии од своите домови на социјалните мрежи и да ангажираат обезбедување на нивните имоти.
По се што се случи, Обамејанг го испратил своето семејство во хотел бидејќи се уште е загрижен за нивната безбедност.
Пред неколку години слични непријатности доживеаја уште тројца фудбалери на Барса. Во јуни 2018 година, стоперот Жерар Пике отпатувал на концертот на неговата тогашна сопруга Шакира во Германија, а провалниците опишани како „вешти професионалци“ упаднале во неговиот дом и украле вредни часовници и накит. Форензичарите не пронашле отпечатоци од прсти, а провалниците никогаш не биле пронајдени. Претходно истото му се случи и на Филипе Кутињо, актуелниот играч на Астон Вила.
На крајот на истата година слична судбина доживеа и Жорди Алба. Додека левиот бек беше во Милано, каде Барселона се соочи со Интер во натпреварот од Лигата на шампионите, разбојници упаднаа во неговата вила во Барселона. Тие скршиле прозорец на горниот кат од куќата и го испразниле семејниот сеф. За тоа време семејството на Алба било на приземје и никој не забележал што се случува горе.
Самуел Умтити, стоперот кој неодамна се пресели во Лече од Барса, исто така беше шокиран кога дозна за грабежот во неговиот дом. За тоа време тој беше на трибините на Камп Ноу и го гледаше тестот на неговиот тим против Валенсија.