Делот за најмалите станари претставува место за игра и одмор, место за творење и дружење. Уредувањето на детското катче , неговиот распоред распоредот, избор на мебел, материјали и бои е предизвик за родителите. Секој родител се труди да биде што е можно покреативен и иновативен во уредувањето на овој дел од новиот дом. Потрудете се да обезбедите доволно комфорен простор за вашето дете. Осмислете го просторот и искористете го секој метар квадратен правилно.Обезбедете катче за одмор и забава, работен простор и простор за спиење.Со еден збор функционално искористете го просторот без разлика дали се работи за мала или голема детска соба. Важен дел во уредувањето на собата на вашето дете е и возраста на детето.Создадете функционална и лесно прилагодлива соба за вашето дете кога ќе порасне, или пак делови од собата кои би можеле во текот на годината лесно да ги приспособите и промените.
Ви подготвивме неколку идеи за уредување на најубавиот и највеселиот дел од вашиот дом. Ви нудиме најразлични начини за да го осмислите и уредите овој простор.
Секогаш просторот прилагодете го според полот и возраста на детето. Доколку имате една соба, а децата се со различен пол, тогаш треба да имате сериозен пристап во собата на братот и сестрата, посебно во делот на поделбата на личниот простор за секој од нив. Секогаш разговарајте со децата, осознајте ги нивните лични желби, доколку се разидуваат во идеите и желбите вие сте тие кои треба да пронајдете компромис и да ги задоволите двете страни.
Поиграјте си со боите на мебелот или ѕидовите, или пак одберете класика, розева за ќерката, сина за синот. Доколку одберете некои мирни нијанси, на децата ќе им биде полесно да се опуштат, визуелно ќе го зголемите просторот и ќе овозможите мирен сон на вашите деца. Ѕидовите обојте ги во весели бои, залепете по некој стикер со кој ќе внесете живост или пак создадте приказна на ѕидот.
Одберете убави светла, доколку децата се мали одберете лустери со најразлични форми како на пример авион, цветови и слично.Одберете ламби, детали кои би се вклопиле совршено во целиот простор.
Можете да ставите кревети на спрат, под нив фиокари за чување на постелнина и други работи. За да се заштеди на простор исто така има опција во делот на единечниот кревет да има фиока која што ќе се отвара со душек за намена како втор кревет за спиење.Или пак , доколку дозволува просторот на собата наменета за две деца, креветите може да се постават еден до друг со доволно простор за разминување, а пред секој од креветите по една работна маса.
Направете убав и функционален гардеробер. Доколку дозволува просторот практично е гардероберот да се изработи од подот до таванот и да содржи повеќе полици. Ѕидовите може да се искористат за полици и фиокари кои можат да се прикачат повисоко на ѕидот да не зафаќаат простор.
Одберете убаво огледало, залепете го на ѕид со што ќе успеете да го зголемите визуелно просторот.
Кога станува збор за работната маса, таа е пожелно да биде до осветлениот дел во собата односно прозорот да е во близина или да биде поставено веднаш под прозорот.
Оставете им на вашите деца да ги одберат предметите за декорација, како на пример мотивите на нивната постелнина, перничиња, предмети кои би ги ставиле на полиците, килимот и слично.
На крајот одберете лесен и мобилен мебел, со кој вашите деца ќе можат да дизајнираат и да го менуваат. Едноставно создадете им собата, катче од нивните соништа.