По победата и рекордот во Швајцарија, Иџе е дома. Меѓу две победи или помеѓу два рекорда, најуспешниот македонски натпреварувач во автомобилски трки, Игор Стефановски Иџе, денес од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски доби симболично признание.
Клучот од Кисела Вода кој Општината го доделува на најзаслужните за нејзината афирмација и афирмацијата на Македонија. Во Пинтија, каде е лоциран АКК “Стефановски” заедно со компанијата “ЛПР МАК”, градоначалникот Ѓорѓиевски и автомобилистот Стефановски подискутираа на повеќе теми. Пред се’, за големите трки кои му следат и претстојната трка во Словенија. Имено, Иџе, кој е двократен победник на Европското првенство на ридски патеки, во 2014 и 2015 година, моментално се натпреварува на европскиот шампионат на ридско-брзински патеки.
Пред десетина дена прослави убедлива победа со своето „Хјундаи” во Група 3 и постави рекорд во Швајцарија. На две трки до крајот на сезоната тој е многу блиску до обрана на титулата. Се дискутираше, секако, и за можностите за развој на автомобилизмот на локално и на државно ниво, како и за прибижувањето на овој спорт до младата популација.
Секој треба да го даде својот придонес кон создавањето на подобра средина за живеење, а наша заедничка цел е да ја видиме Кисела Вода како атрактивна дестинација, беше заедничкиот заклучок на автомобилистот и на градоначалникот кој му посака среќа и повторно да го развиори македонското знаме на трката во Словенија.
-Вратите на Општина Кисела Вода се секогаш отворени за луѓето кои оставаат траен белег во нејзиниот развој и во развојот на Македонија, нагласи на крајот на средбата градоначалникот Ѓорѓиевски.