Огромна е заинтересираноста за понудата на македонскиот штанд на саемот „Винска визија на Отворен Балкан”, соопшти Агенција за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на својата официјална фејсбук страница.
Според Агенцијата, Балканот е отворен за нова визија.
– Отворен Балкан е вистински пример за успешна регионална соработка. Учествуваме на заеднички штанд со националните туристички агенции од Албанија и Србија. Програмата предвидува четиридневни активности. Промоцијата на нашата земја како туристичка дестинација ќе биде проследена со туристички видеа, промотивни брошури, флаери, како и со промотивен материјал, наведува Агенцијата.
Според АППТ, посетителите на штандот може да видат и како се изработуваат традиционален македонски филигран и охридски бисер.
Дел од Програмата ќе биде и презентација на гастрономскиот и винскиот дел преку дегустација на храна и вино.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски денеска, заедно со премиерот Димитар Ковачевски на македонскиот штанд се сретна со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ.