Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска, пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, ќе ја претстави приоритетната рамка на претседавањето на Северна Македонија со оваа организација во 2023 година.
МНР, се посочува во соопштението, активно се подготвува за преземањето на претседавањето од актуелниот претседавач – Полска и презеде серија активности во функција на операционализација на доверениот мандат во 2023 година.
– Во таа насока, преку активен дијалог со релевантните државни институции, земјите учеснички и извршните структури на ОБСЕ, беше развиена прелиминарна рамка на приоритети преку која ќе имаме директен придонес врз политиките поврзани со трите димензии на ОБСЕ, политичко-воената, втората која ги таргетира прашањата поврзани со економијата и животната средина, како и третата, хуманата димензија, наведуваат од МНР.
Во Виена, шефот на дипломатијата Османи ќе се сретне со генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид, со постојани претставници на земјите учеснички, а предвидена е средба и со сојузниот министер за европски и надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.