БиХ и Шпанија со победи го отворија Евробаскет 2022

Репрезентациите на Шпанија и на Босна и Херцеговина забележаа победи на стартот на Европското кошаркарско првенство кое се одржува во четири земји.

Шпанците во Тбилиси (Грузија) ја совладаа Бугарија со убедливи 114:87, додека Босна и Херцеговина забележа триумф над Унгарија со 95:85 на средбата одиграна во Келн, Германија.

Тимот под водство на Серхио Скариола имаше седум играчи со двоцифрен број на поени, предводени од Лоренцо Браун со 17 и Вили Ернангомез со 16. Павлин Иванов беше најефикасен бугарски играч со 16 поени.

Во Келн, пак, по воведните минути во кои се менуваше раководството, Унгарците ја презедоа иницијативата. Резултатот беше 45:46 на полувремето, но Босна одигра добро во остатокот. „Змејовите“ ја добија третата четвртина во своја полза со 28:17, а последната четвртина ја дочекаа со плус десет колку што заврши натпреварот.

Најефикасни кај Босанците беа Џанан Муса и Јусуф Нуркиќ со по 19 поени, Џон Роберсон постигна 18, а капитенот Миралем Халиловиќ постигна 16 поени.

На другата страна се истакнаа Силард Бенке со 20, Адам Ханга со 16 и Давид Војвода со 15 поени.

До крајот на првиот ден на Евробаскет 2022 ќе се одиграат уште четири натпревари:
Турција – Црна Гора (16:15 часот)
Словенија – Литванија (17:15 часот)
Белгија – Грузија (19 часот)
Франција – Германија (20:30 часот).

Треба да знаете
Последни објави