Демократката Пелтола ја победи Пејлин на вонредните избори на Алјаска

Демократката Мери Пелтола победи на вонредните избори за единственото место на Алјаска во Претставничкиот дом, со што стана првата домородна жена од Алјаска што ќе ја претставува државата во Конгресот на САД, соопшти Изборната комисија на Алјаска.

Таа ја победи поранешната републиканска гувернерка Сара Пејлин со 51,47 отсто наспроти 48,53 отсто од гласовите. Пејлин е позната по нејзината неуспешна потпретседателска трка во 2008 година против Џон Мекејн.

Пелтола ќе го преземе остатокот од мандатот на републиканскиот пратеник Дон Јанг, кој почина на почетокот на оваа годинаи ќе се соочи со реизбор на 8 ноември.

Таа е првата домородна жена која ја претставува државата Алјаска, каде што речиси 20 отсто од населението е домородно, што претставува најголем удел во САД.

Кампањата на Пејлин за местото во Претставничкиот дом ја означи нејзината прва трка за јавна функција по поразот од Мекејн. Се смета дека Пејлин помогнала да се отвори вратата за крајното десно крило на Републиканската партија.

Пелтола е „најдобриот обид на Алјаска да спречи победа на екстремистите”, се вели на нејзината веб-страница на кампањата. Таа го истакна својот статус како „единствен кандидат во оваа трка кој не е мултимилионер”.

Вонредните избори беа распишани по смртта на 88-годишниот Јанг, кој првпат беше избран во 1973 година.

Победникот на вонредните избори ќе го доработи мандатот на Јанг, кој истекува на крајот на оваа година. Пејлин, Пелтола и републиканецот Ник Бегич Трети ќе се натпреваруваат на изборите на 8 ноември за нов мандат.

Треба да знаете
Последни објави