Пецаков: Ќе ги почитуваме мерките за штедење струја, проблем се сметките за јавните претпријатија

Општина Охрид ќе ги спроведува препораките на Владата за штедење електрична енергија, но голем проблем се сметките за јавните претпријатија, истакна денеска градоначалникот Кирил Пецаков.

Мерките за штедење, смета дека се најмал проблем, кои освен државните институции ќе ги применува и секое семејство.

Според него, последната сметка за струја на јавното претпријатие „Водовод”  изнесува 14 милиони денари, додека за истиот период лани била околу два и пол милиони денари.

– Приходот е 10 до 10,5 милиони денари, расходот за платите е до девет милиони денари, не можеме ниту плата ниту струја да платиме, изјави Пецаков.

Тој посочи дека Управниот одбор на ЗЕЛС имал состаноци со претставници во Владата за изнаоѓање начин за надминување на проблемот.

– Барем јавните претпријатија што обезбедуваат вода за граѓаните да бидат на регулиран пазар и со тоа да можеме да го издржиме притисокот. Меѓутоа Владата не е спремна за таков подвиг, односно буџетски нема како да ги обезбеди тие средства со регулираниот пазар и ќе продолжиме со тие проблеми, додаде Пецаков.

Согласно владините мерки за штедење струја до 15 проценти, кои почнуваат од денеска, а ќе важат до 31 март 2023 година, се препорачува исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, користење дневна светлина за внатрешните простории, ладење на производни објекти, хали и канцеларии со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски….

Треба да знаете
Последни објави