Околу 255 илјади основци и средношколци денеска ја почнуваат учебната 2022/2023 година во која наставата, по две пандемиски години, стартува без антиковид-протоколи и заштитни маски.
За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование. Учебниците според новите наставни програми се во различна фаза на одобрување и додека ги добијат, учениците од овие одделенија ќе учат од соодветни материјали во кои се разработени содржините од првото тримесечје. МОН уверува дека не се работи за скрипти, туку материјали кои се квалитетни и креативни и учениците ги добиваат бесплатно.
Министерот Јетон Шаќири вчера на прес-конференција истакна дека МОН е многу поподготвено од претходните години зашто на првиот училишен ден ќе има за сите ученици – материјали за учење за прво, второ, четврто и петто и учебници за останатите одделенија во основното и за средното образование.Наставниците, пак, со платата за септември ќе добијат зголемување од 15 отсто договорено меѓу МОН и СОНК по организираниот штрајк пролетта. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура вчера ја објави потпишаната Спогодба за повисоки плати во основното и средното образование
Во Спогодбата, потпишана од лидерот на СОНК Јаким Неделков и министерот Шаќири, стои дека најниската плата за најниската сложеност за вработените во основните училишта изнесува 16.973 денари и дека ќе се применува со исплата за септември 2022 и понатаму.
Дијалогот со синдикатот, како што изјави Шаќири, ќе продолжи за да се дефинираат и потпишат и нови колективни договори за основно и за средно образование, како и за политики за подобрување на квалитетот на образованието.
– Околу 32 500 вработени, од кои 25 000 наставници, добиваат дополнителна мотивација за работа и лично вложување во унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем. Заедно со досегашните зголемувања од 21 процент, вработените во образованието добиваат историски најголема поддршка, соопшти МОН.
По две учебни години во кои организацијата на наставата беше условена од епидемиолошката состојба со КОВИД-19, образовниот систем во оваа учебна година ќе биде пред предизвикот за справување со енергетската криза.
Владата ги задолжи државните институции за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Во одговор на новинарско прашање каков е планот за загревањето на училиштата, Шаќири вчера одговори дека најважно е тие да останат отворени и дека во МОН е формирана работна група за координирање со министерствата за економија и финансии и со други надлежни институции.