Претставници на Американскиот совет на млади политички лидери во посета на „Алкалоид” Делегација на Американскиот совет на млади политички лидери (American Council of Young Political Leaders – ACYPL), во придружба на претставници од Амбасадата на САД во Скопје, оствари работна посета на „Алкалоид”. Целта на посетата беше претставниците на Советот, преку својата Програма за размена на делегации меѓу земјите, да се запознаат одблизу со начинот и со условите во кои работат успешните македонски приватни компании.
Дневниот ред на работната средба опфати презентација на деловните операции на „Алкалоид”, резултатите од работењето, компаниските пласмани и на производствените активности, како и на општествената одговорност, која е еден од клучните сегменти на корпоративната политика на компанијата. Во рамките на посетата беше реализирана и обиколка на производствените капацитети на „Алкалоид” и на Институтот за истражување и развој на компанијата. Посебен акцент беше ставен врз деловните операции во САД, каде што „Алкалоид” АД Скопје во 2005 година основаше своја подружница во Њу Олбани, Охајо. Освен пласманите на чаеви од програмата „Good Nature” и на детската козметика од брендот „Бекутан”, „Алкалоид” е партнер од избор на неколку реномирани, американски, фармацевтски компании, со кои има различни форми на соработка, како на пример лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи.
Членовите на делегацијата, меѓу кои г-ѓа Шанел Отри, г-ѓа Тара Кембел, г. Џејк Еванс, г. Џон Мајкл Монгомери, г-ѓа Ешли Ванорни и г-ѓа Сузан Свинк, го истакнаа своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид” и од деловните активности на компанијата на американскиот пазар.
Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL), од своето основање во 1966 година, на своите членови им дава можност за добивање глобална политичка и бизнис-перспектива, преку своите програми за меѓународна размена.