Во малешевските општини Берово и Пехчево воспитно-образовниот процес од учебната 2022/23 започна за вкупно 1372 ученици. Најголем дел од нив се запишани во деветолетката „Дедо Иљо Малешевски” каде има вкупно 656 ученици од кои 80 првачиња.
-Првото училишно ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година во основните и средното училиште во Берово. Во основното училиште „Дедо Иљо Малешевски” во Берово и шесте подрачни училишта, годинава, ќе учат вкупно 656 ученици, додека во ООУ „Никола Петров Русински” се запишани вкупно 80 ученици, во девет паралелки. Во средното училиште „Ацо Русковски” во Берово настава во прва година ќе следат 77 ученици, информираа од Општина Берово.
Беровската гимназија оваа учебна година брои 325 средношколци поделени во три гимназиски и три стручни насоки.
Градоначалникот Звонко Пекевски на сите ученици им посака успешен воспитно-образовен процес исполнет со многу успеси.
Во Пехчево денеска официјално наставата започна за вкупно 311 ученици од кои 25 новозапишани првачиња, кои денес за прв пат седнаа во училишните клупи.
Упатувајки честитки до сите ученици, градоначалникот на Општина Пехчево Александар Китански ги посети децата од детската градинка ОЈУДГ „7 Септември” – Пехчево, на кои им додели скромни подароци.