Во 9-те општински училишта на Чаир, денеска за прв пат во училишните клупи седнаа 918 ученици. На почетокот на наставниот процес во општина Чаир присуствуваа градоначалникот Висар Ганиу, заедно со министерот за образование Јетон Шаќири, директорката на ОУ „Васил Главинов”, Елита Демири, наставници, родители и ученици.
Ганиу при тоа наведе дека во општинските основни училишта во Чаир, во моментот учат 8.272 ученици, а според информациите кои постојано се добиваат од директорите на училиштата и од секторот за образование, почетокот на учебната година е многу успешен.
-Драги ученици јас ви посакувам многу успеси на патот на знаењето, кој е единствениот пат кој може да ни ја даде вистинската светлина на иднината. Секако, ви посакувам успеси и на вас почитувани наставници, бидејќи вие сте вистинскиот столб на нашето општество , изјави во оваа прилика Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир.
Тој рече дека оваа учебна година ја започнуваме многу подготвени, било преку подобри услови за учење или училишна инфраструктура.
-Започнуваме со инвестиции и работи кои се вршат во секое наше општинско училиште – „Јашар беј Шкупи”, „Васил Главинов”, „Хасан Приштина”, „Лирија”, „Имри Елези”, „Исмаил Ќемали”, „Конгреси и Манастирит”, „7 март”, „Тефејуз”- додаде Ганиу.