Високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), Мишел Башеле синоќа објави извештај во кој се вели дека Канцеларијата за човекови права на ОН видела докази за злосторства против човештвото во кинескиот регион Ксинџијанг.
– Размерите на произволно и дискриминаторско притворање на припадници на ујгурите и другите претежно муслимански групи … можат да претставуваат меѓународни злосторства, особено злосторства против човештвото, се вели во извештајот кој беше објавен само 10 минути пред крајот на мандатот на Башеле.
Во извештајот се заклучува дека од 2017 до 2019 година, и потенцијално потоа, луѓето биле лишени од нивните основни права.
Стотици илјади Ујгури и други членови на малцинските групи се ставени во „кампови за принудно превоспитување”, според групите за човекови права и Ујгурите кои побегнале од Кина.
Пекинг ги отфрли обвинувањата и ги нарече лаги.
Извештајот на ОН требаше да биде објавен минатата година, но Башеле го одложи неговото објавување бидејќи со месеци преговараше со Кина за да и биде дозволено да патува во земјата.
Патувањето се реализира во јуни под услови Башеле и нејзината канцеларија да одлучат каде да одат и со кого да разговараат без надзор на властите.
Кина се согласи со барањата, соопшти нејзината канцеларија. Башеле отпатува во Ксинџијанг, но до крајот на патувањето се воздржа од критики за активностите на кинеската влада во регионот, што предизвика меѓународни критики кон неа.
Башеле беше под силен притисок поради извештајот и рече дека минатата недела група од 40 влади ѝ испратиле писмо во кое ја повикуваат да не го објавува.
Кина остро се противи на објавувањето на извештајот, соопшти денеска Постојаната мисија на Кина во Канцеларијата на ОН во Женева.
„Извештајот се заснова на претпоставка за вина, користи лажни информации и е фарса што ја планираат САД, западните земји и антикинеските сили”, рече Лиу Јујин, портпарол на кинеската мисија во Женева, во соопштение објавено на веб-страницата на мисијата.
Во 2018 година, Башелет стана комесарка на ОН за човекови права и не се кандидираше за втор мандат. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш сè уште не го именувал нејзиниот наследник.