Западен Балкан преку иницијативата Отворен Балкан бара нова прогресивна политика. Очекувам и Црна Гора наскоро да стане членка на Отворен Балкан. Регионот праќа пораки кои во минатото не можеше да ги праќа – тоа што другите не можат да се договорат, овој регион може да се договори. Отворен Балкан е успешна иницијатива и Црна гора сака да се најде во иницијативите што се прогресивни и успешни – што водат кон помирување и напредок.
Ова го изјави црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ на отворањето на лидерскиот Самит Отворен Балкан во Белград.
– Се пробавме низ историјата – пробавме со ѕидови, пробавме со војни, пробавме со кризи, со конфликти, со обвинувања. Не пробавме уште да соработуваме. Време е да го одбереме мирот и да одбереме напредок, оцени Абазовиќ.
Според него, време е да разбереме дека поголемата флексибилност на граници не значи менување на границите, туку поголема можност за помирување, за бизнис и напредок, за обединување, за мобилност, и се она што треба да значи влевање на еден нов европски дух во регионот.
– На граѓаните им е доста од политиките на минатото, од национализам, обвинувања, треба да понудиме нешто друго, а тоа значи поголема соработка. И во еден миг кога сите ќе ги задоволиме сите стандарди, заедно да се најдеме во големото европско семејство, истакна Абазовиќ.