Во напад на израелското воено воздухопловство оштетен е аеродромот кај Алепо во Сирија и воена инфраструктура во негова близина, покажуваат најновите сателитски снимки.
На меѓународниот аеродром во Алепо по нападот извршен ноќта меѓу средата и четвртокот може да се забележи голем кратер на самата писта. На сателитските снимки на компанијата „Planet Labs” се забележуваат возила собрани околу кратерот, на западната страна на единствениот аеродром во областа. Според информациите лиферувани од агенциите, воздушниот напад предизвикал и пожар, а јужно од пистата има оштетувања на воениот дел на аеродромот, со остатоци од објект, најверојатно опремен со радио или навигацвиска опрема.
Сириското Министерство за надворешни работи синоќа јави за голема штета нанесена на аеродромот во Алепо, со оштетување на пистата и целосно уништен центарот за навигација со целата опрема.
Веднаш по израелскиот напад врз аеродромот во Алепо, група за сириски права со седиште во Лондон соопшти дека цел на нападот била иранска пратка со оружје.
Пред неколку месеци Израел изврши напад и врз аеродромот во Дамаск поради испорака на иранско оружје за Сирија.
Сирија, како и другите земји од Блискиот Исток, ги користи своите аеродроми и за цивилни и за воени цели.