Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, преку конференциска врска одржа состанок со директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Десислава Готскова.
На состанокот беше разговарано за унапредување на соработката во делот на антикорупциските политики на регионално ниво. Во таа насока вицепремиерката Грковска истакна дека при зајакнување на регионалниот пристап во реализација на мерките и активностите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, посебен акцент треба да се стави на родовите аспекти на корупција.
Зборувајќи за родовата еднаквост и корупцијата, директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива Готскова ја истакна важноста од вмрежување на земјите, преку вклучување на родовата еднаквост во процесот на креирање на јавните политики.
Договорено е во иднина да се зајакне соработката на земјите од регионот преку Регионалната антикорупциска иницијатива, која останува отворена за поддршка и натамошна соработка, во полза на заедничките цели и приоритети.