Евроaтлантскиот совет и ИДУЕП потпишаа Mеморандум за соработка

Зајакнување на македонските евроинтеграции, унапредување на дигитализацијата и борба против лажните вести, се основите на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Евроатлантскиот совет на Северна Македонија (АТА Северна Македонија) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Како што информира Институтот, предвидено е заедничко застапување во јавноста на темите поврзани со евроатлантските перспективи на земјата, поддршка во справувањето со лажните вести, дезинформациите и теориите на заговор, како и соработка во сферата на дигитализација на општеството со цел унапредување на правата и можностите на секоја индивидуа и прилагодување на современите општествени текови.

Двете организации веќе почнаа и со планирање пошироки заеднички организирани настани со цел подигнување на свеста на овие теми, како и преземање активности кои предвидуваат можности за едукација и други неформални образовни содржини наменети за младите луѓе.

-Во наредниот период, ќе се работи на многу заеднички проекти, тренинзи и иницијативи преку неколку програми за различни групи на граѓани. Во текот на следните два месеци веќе е предвидено одржување на заеднички обуки наменети за млади луѓе од целата земја, а во рамки на НАТО академијата и проектот ‘Информации наспроти дезинформации’. Во контакт сме и со повеќе различни донатори за поддршка на проекти кои имаат за цел поголема индивидуална слобода за секоја личност, како и градење на севкупна општествена отпорност во делот на справувањето со дезинформации и теориите на заговор кои штетат на сите луѓе, истовремено поткопувајќи ги и демократските темели на македонското општество. Се согласивме да ги обединиме силите за промоција на евроатлантските вредности, јакнење на капацитетите во граѓанскиот сектор, како и целосна поддршка на демократијата, човековите права и владеењето на правото, истакна Илија Џугуманов, секретар на Евроатлантскиот совет за време на потпишувањето на Меморандумот.

ИДУЕП и АТА Северна Македонија покрај на домашен план, предвидуваат и организирање на различен тип на заеднички активности поврзани со унапредување на регионалната и меѓународната соработка, како и организирање и учество на меѓународни настани кои имаат за цел остварување на целите предвидени со потпишаниот Меморандум.

-Клучен збор за мене е воспоставувањето на соработки и градењето на сојузи, особено кога тие се потпираат на заеднички цели како што се остварувањето на поголема слобода, демократија и подобар живот за секој човек. Сакаме ваквиот партнерски однос да биде пример за целокупниот граѓански сектор, но и за сите општествено – политички чинители во нашето општество кои е повеќе од неопходно да разберат дека во кризни времиња нема простор за лични или теснопартиски агенди. Напротив, неопходна е работа во интерес на граѓаните, обединување со цел ублажување и полесно, односно побрзо справување со актуелните светски кризи. Како и многу пати досега, нашите две организации преку конкретни активности даваат пример, но и ќе продолжат да бидат партнер на јавните институции и сите професионалци во насока на остварување на подобар и поквалитетен живот за секој наш граѓанин и граѓанка, со особен фокус на младите луѓе, рече комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов.

Треба да знаете
Последни објави