Поранешната премиерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи денеска беше прогласена за виновна за изборна измама и осудена на три години затвор со принудна работа.
Ова за агенцијата Ројтерс го изјави извор запознаен со судските постапки.
Судски извор, кој сакаше да остане анонимен, рече дека не е јасно што би подразбирала принудната работа.
Медиумите не добија дозвола да присуствуваат на судењето кое се одржа зад затворени врати во Специјалниот суд.
Доколку биде осудена за сите обвиненија по кои и се суди повеќе од една година, Су Чи би можела да биде осудена на вкупно повеќе од 190 години затвор.
Лауреатката на Нобеловата награда за мир Су Чи (76), која е во притвор откако војската изврши државен удар со кој беше соборена нејзината влада во февруари минатата година, се соочува со десетина обвиненија, а сите тие таа ги негира и веќе е осудена на повеќе од 17 години затвор.
Судот денеска утврди дека поранешната државна советничка извршила измама на општите избори во ноември 2020 година, на кои нејзината Национална лига за демократија (НЛД) ја победи партијата формирана од војската со огромно мнозинство.
Тогаш армијата изврши државен удар, оправдувајќи го со наводна изборна измама.
На 1 август, воениот режим на Мјанмар ја продолжи својата вонредна состојба до следната година, а земјата останува поделена од внатрешни судири по минатогодишниот воен удар, пишува Ројтерс.