Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во Клубот на пратеници оддржа брифинг за претставниците на медиумите посветен на напредокот во реализацијата на социјалната реформа и Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) како нејзин инструмент на поддршка.
Посебен акцент на брифингот беше ставен на претстојното преземање на новите социјални услуги кои се спроведуваат на локалното ниво, во системот на централно финансирање.
Министерството за труд и социјална политика обезбеди долгорочна одржливост на социјалните услуги, обезбедувајќи средства за нивно финансирање од државниот буџет.
Почнувајќи од септември годинава, социјални услуги кои досега се финансираа на проектна основа постепено ќе бидат преземени во системот за централно финансирање за што се веќе обезбедени средства во буџетот за 2022 година.
„Развојот и одржливоста на социјалните услуги е врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата. Токму затоа со голема посветеност работевме на развој на модел кои ќе го поттикнат процесот на создавање на поквалитетни социјални услуги кои ќе бидат достапни за што повеќе граѓани. Навистина постигнавме одлични резултати, а сега со обезбедувањето на средства за финансирање од буџетот обезбедуваме и нивна одржливост. Ова е од огромно значење бидејќи една реформа може да е успешна само доколку е поставена на принципите на долгорочност и одржливост. Горди сме што на граѓаните веќе им нудиме услуги кои во голема мерка го подобруваат квалитетот на нивниот живот, а истовремено сме горди што преку развојот на овие услуги обезбедивме отворање на нови работни места за лица од најранливите категории“ – истакна Тренчевска.
Преку развој на социјалните услуги, досега се ангажирани 247 негувателки и стручни лица, а предност имаа лицата од социјално ранливи категории, кои добија можност за работа но, и едукација преку стручни обуки. Услугите досега ги користат околу 700 граѓани.
Преку првиот јавен повик за доделување на грантови за развој на социјални услуги реализиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, досега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини во земјата.
Покрај овие услуги, во фокусот на социјалната реформа е и подобрување на услугите за згрижување на децата во предучилишна возраст.
Во рамките на оваа реформа Министерството за труд и социјална политика од 2017 година до сега успеа да изгради и реновира 71 детска градинка, со што обезбеди згрижување на над 4500 деца од претшколска возраст. Во тек е изградба на уште 11 градинки. Се очекува до крајот на 2023 година да заврши изградбата на 13 нови градинки.