Услов бугарската Влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија е Северна Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања, вели новиот бугарски амбасадор во Вашингтон Георги Панајотов во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Прашан дали Бугарија ќе бара промена на историјата како услов за да ѝ дозволи на Северна Македонија да ги отвора и затвора поглавјата во преговорите со ЕУ, Панајотов наведува дека работата на Комисија за историски и образовни прашања за сите периоди од, како што вели, нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ.
– Одлуката на нашиот Парламент утврди правно обврзувачки услови за секоја бугарска влада да го поддржи секој иден чекор во процесот на проширување, вклучително и отворање/затворање на поглавјата од acquis. Овие услови се Северна Македонија целосно да гарантира еднакви права како на другите нејзини граѓани и на своето бугарско население, вклучително и преку релевантните уставни амандмани и целосно да ги спроведува одредбите од Договорот од 2017 година и неговите протоколи. Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективното, научно толкување на заедничката историја на двете земји. Во текот на изминатите неколку години, Комисијата постигна неколку важни препораки. Имплементацијата на овие и на сите идни препораки во двете земји е од клучно значење за надминување на штетните стари стереотипи и национални предрасуди и за изградба на иднина на заемна поддршка и разбирање. Работата на Комисијата за сите периоди од нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ и оваа заложба е дел од Протоколот од јули 2022 година, вели бугарскиот амбасадор.
Според него, штом ќе се реши историското прашање, проблемот со јазикот нема да може да го наруши односот меѓу двете држави.
Малите промени во францускиот предлог, наведува амбасадорот Панајотов, не ја смениле суштината на бугарските барања, а ако тоа било случај, Бугарија немала да го тргне ветото.
-Бугарија одлучи да го поддржи првичниот предлог на Претседателството на Советот и нашиот парламент го изгласа тоа на 24 јули. Не ја донесовме оваа одлука лесно, но прифативме дека гаранциите, обезбедени со преговарачката рамка, заклучоците на Советот и билатералниот протокол, се доволни за да се компензира недостатокот на доверба и се здрава основа за обновување на нашето партнерство. Малите промени што следеа во она што разговорно е познато како изменет француски предлог од 30 јуни, не ја сменија суштината на предлогот. Да го стореле тоа, Бугарија немаше да ги укине резервите за време на гласањето во Европскиот совет. На крајот на краиштата, бугарската Влада беше обврзана со условите поставени со правно обврзувачката одлука на нашиот Парламент, вели бугарскиот амбасадор.