Грција во првото коло од групата „Ц“ стартуваше со триумф на Европското првенство откако ја совлада Хрватска со 89:85. Хрватите добро го отворија натпреварот со серија од 7:0, но Грците набрзо стигнаа до првото изедначување на овој меч и од 10:10 ја презедоа целосната контрола на паркетот. Предноста на Грција во првиот дел беше и до 10 поени, на крајот по првата четвртина имаше предност од „плус осум“ (24:16).
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Доминацијата на Грците продолжи и во вториот дел од играта, а позитивата само се зголемуваше, па еден од фаворитите на овој шампионат замина на одмор со „+16“ (46:30).
Хрватска „се разбуди“ по паузата, ја намалуваше негативата и успеа да дојде на нешто повеќе од две минути до крајот на третата четвртина да се доближи на само два поени заостанување. Не дозволија Грците да се продолжи неизвесноста, најпрво одговорија со тројка, а потоа пред завршните 10 минути повторно стигнаа до „плус осум“.
Репрезентациите беа изедначени во последната четвртина, не се предаваа избраниците на Дамир Муламеровиќ, стигнаа на „минус четири“, а по неискористениот напад на Грција заостануваа само два поени.
Три неуспешни напади на Хрватска беа казнети од Грција која на крајот ја забележаа првата победа на првенството. Грција ја предводеа Јанис Адетокумбо и Тајлер Дорси со по 27 поени. Во хрватската репрезентација Џејлен Девон Смит постигна 23 поени, Бојан Богдановиќ додаде 19, Крунослав Симон еден кош помалку.
Во истата група Украина започна со убедлива победа над Велика Британија со 90:61. За Украинците прв стрелец беше Свјатослав Mихајлиук со 17 поени, а на спротивната страна најрасположен беше Лук Нелсон со 16 поени.
Во рамките од групата „Д“ Израел после едно продолжение славеше над Финска со 89:87, а Полска беше подобар од Чешка во Прага со 99:84.