По Белгија која ја изненади Шпанија, за нова сензација на кошаркарското ЕП се погрижи и БиХ, кој во Келн го совлада актуелниот европски шампион Словенија (97:93). Ова е прв пораз за Словенија на Европските првенства од 2015 година кога загуби од Летонија во осминафиналето.
По првата четвртина Словенија имаше шест поени предност (26:32), а во втората четвртина по тројката на Препелиќ и осум поени (32:40). Но, кошаркарите на Босна и Херцеговина возвратија со серија од 9:0 и поведа со 41:40. Потоа следеше нова серија на Словенија од 3:12, но на одмор се замина со само три поени предност на европскиот шампион (49:52).
Во второто полувреме, Словенците предводени од Лука Дончиќ никако не успеаја да се одлепат и на секоја нивна серија, кошаркарите на БиХ возвраќаа со своја серија. Натпреварот беше решен во финишот, прво Роберсон погоди тројка за водство на БиХ од 91:86, а потоа на сцена стапи Един Атиќ кој на 53 секунди до крајот постигна поени за 93:89, за во следниот напад да ги реализира двете слободни фрлања за 95:89 и големо изненадување.
Најефикасен во редовите на БиХ беше Џон Роберсон со 23 поени, Џанан Муса постигна 22 поени, Халиловиќ 13, а Атиќ и Нуркиќ по 12 поени. Влатко Чанчар со 22 поени ја предводеше листата на стрелци кај Словенија, Горан Драгиќ даде 20, но потфрли Дончиќ кој даде 16 поени, но ги промаши сите осум шута за тројка.