Адел се закити со „Еми“ награда за креативна уметност

Британската поп-дива Адел ја освои својата прва Еми-награда на отворањето на свечената церемонија на доделување награди за креативни уметности.

Музичката ѕвезда (34) отсуствуваше на церемонијата што се одржа во Лос Анџелес во саботата. Неа ѝ припадна гонгот Outstanding Variety Special за емисијата на „Си-би-ес“ Adele One Night Only („Адел една ноќ“).

Специјалната програма се емитуваше минатиот ноември и во неа мега ѕвездата изведува нова музика за првпат по шест години и дава интервју за Опра Винфри.

Оваа чест значи дека на Адел ѝ недостасува само наградата „Тони“ за да има статус ЕГОТ – личност која ги има добиено четирите престижни статуетки „Еми“, „Греми“, „Оскар“ и „Тони“.

Само 17 луѓе успеале да добијат статус на ЕГОТ, меѓу нив се Мел Брукс, Вупи Голдберг и Џон Леџенд.

Адел има освоено 15 „Греми“, а исто така и „Оскар“ за најдобра оригинална песна во 2013 година – темата за Џејмс Бонд, „Скајфол“.

Треба да знаете
Последни објави