Претседателката на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември” Гордана Нацева денес на прес-конференција го образложи изборот на годинашните добитници.
– Одговорност и чест е да се изберат добитниците на оваа награда која е многу значајна за нас спортистите и спортските работници. Заедно со Стручната комисија и луѓето од Агенцијата за млади и спорт следејќи ги процедурата и правилникот и законот, уверена сум дека изборот помина во најдобар ред. Сите кандидатите имаат извонредни резултати, но некои мора да бидат наградени.
Имаше 18 апликации, шест за животно дело и 12 за останатите четири награди.
– Немавме големи дилеми. Ја користевме експертизата од стручната комисија која помогна, но сепак одборот кој брои 13 члена ја донесува одлуката. Сметам дека во една пријателска и отворена атмосфера се избраа добитниците. Верувам дека вистинските ја добија наградата, додаде Нацева.
Наградата „8 Септември” за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмациајта и промоцијата на Република Северна Македонија на меѓународен план се доделува на Чедо Николовски.
Наградата, пак, со која се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот се доделува на Атанас Костовски, Зоран Карановиќ, Стојан Андриевски и Ацо Јорданов.
Честитки до сите добитници упати директорот на АМС Наумче Мојсовски.
Свечената церемонија на доделување на наградите ќе се одржи на 8 септември (четврток) во Собранието на Република Северна Македонија во 12 часот.