(Видео) „Нож во грб 2“ премиерно ќе биде прикажан на Фестивалот во Торонто

Во продолжение на големиот филмски хит на Рајан Џонсон, детективот Беноа Блан патува во Грција во обид да ја реши мистеријата „кој е убиецот“ меѓу група осомничени.

За фановите, а можеби и за самиот Даниел Крег, главниот протагонист, беше изненадување што „Нетфликс“ ќе продуцира не едно, туку две продолженија на крими трилерот Knives Out („Нож во грб“).

Стриминг-гигантот плати 450 милиони долари за филмските права, со цел да направи уште две продолженија на успешниот крими трилер од 2019 година. Првиот дел заработи повеќе од 300 милиони долари, со вложени 40 милиони.

Актерот, кој 15 години го глумеше Џејмс Бонд, не беше цврсто убеден дека ќе може повторно да ја долови магијата на филмот номиниран за „Оскар“ за најдобро оригинално сценарио.

Неодамна, во интервју за списанието „Емпајер“, Крег изјави дека портретирањето на тајниот агент на Јан Флеминг подобро го подготвило за глумење детектив сезнајко.

Новиот Knives Out има различно опкружување од оригиналниот филм, во Грција наместо во Масачусетс. Ќе има и сосема нова актерска екипа, вклучувајќи ги Едвард Нортон, Џенел Монае, Кетрин Хан, Лесли Одом Џуниор, Џесика Хенвик, Медлин Клајн, Кејт Хадсон и Дејв Батиста.

Не се познати многу детали, но се работи за ново злосторство, нова мистерија, а дејствието се одвива на грчки остров.

Технолошкиот милијардер Мајлс Брон (Едвард Нортон) поканува некои од најблиските да дојдат на неговиот приватен грчки остров, но наскоро станува јасно дека во рајот не е сè совршено.

И кога некој е убиен, кој подобро од Блан (Даниел Крег) да ги олупи слоевите на интригата?

Има многу возбуда за ова продолжение, а очекувањата се дека ќе стане долгогодишен нов серијал на „Нетфликс“ имајќи предвид дека расте интересот за филмови од жанрот whodunnit или сторија за убиство во која до крај не се открива идентитетот на убиецот. Станува збор за сложена варијанта на детективска фикција водена од заплет, а главниот фокус е загатката за тоа кој го извршил злосторството.

Претстојниот втор дел со наслов Knife’s Out: A Glass Onion Mystery („Кромид од стакло“) ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто на 10 септември.  Во ноември пристигнува во американските киносали, а ќе биде достапен за стриминг на „Нетфликс“ од 23 декември.

Треба да знаете
Последни објави