Во издание на „Бата прес“ се објави романот „Библиотекарката од Аушвиц“, од познатиот шпански писател Антонио Г. Итурбе.
Книгата од шпански на македонски јазик ја преведе Катерина Јосифовска, а објавувањето е поддржано од Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.
Делото се темели на вистините настани во логорот на смртта Аушвиц и искажувањата на преживеаната Еврејка Дита Краус. Ова е неверојатна приказна за девојчето што го ризикувало својот живот за да ја сочува магијата на книгите за време на злосторството и која очи во очи се сретнала со „Ангелот на смртта“ Јозеф Менгеле, со германските воени злосторници Адолф Ајхман и Рудолф Хес, кој бил командант на логорот, во кој според официјалните бројки биле погубени и во најголем број изгорени преку милион и сто илјади луѓе.
Четиринаесетгодишната Дита е една од многуте луѓе, што нацистите ги заробиле во Аушвиц. Одведена заедно со родителите од квартот Терезин во Прага, се обидува да се прилагоди на ужасниот живот во логорот. Кога еврејскиот водач Фреди Хирш ќе ја замоли да ја преземе грижата за осум драгоцени книги што затворениците успеале да ги прошверцуваат покрај стражарите, таа се согласува. И така таа станува библиотекарката од Аушвиц. Нараторката и главниот лик на оваа книга, сега Дита има преку 95 години и живее во Израел. Повремено го посетува Музејот на холокаустот во Аушвиц.
Првата промоција романот ја има на „Фестивалот на книгата 22“, мал саем на книгата што се одржува на отворено пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, а официјалната промоција ќе биде кон крајот на септември кога е најавено доаѓањето на авторот Итурбе, како гостин на издавачката куќа во Скопје
Антонио Гонзалес Итурбе (Antonio Iturbe) е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона.
Во 2006 година, ја објави својата прва книга „Rectos torcidos“ и го напиша серијалот за деца „Los Casos del Inspector Cito“, кратки приказни што му ги читал на неговиот син пред да заспие. Негова најпозната книга е „Библиотекарката од Аушвиц“, со кој стекна светска слава, беше и најпродаван роман според Сандеј тајмс. Неговите книги се преведени на повеќе од триесет јазици.