Фудбалерите на Салернитана направија огромен подвиг и освоија бод со Јувентус среде Торино 2-2 (0-2), во рамките на шестата рунда на Серија А. Клубот од малиот град Салерно одигра прв дел без респект, му даде два гола на италијанскиот великан и во продолжението ја бранеше предноста. Иако домаќинот се врати до егал, а даде и победоносен гол, ВАР собата го спаси гостинот и мечот заврши со егал.
„Старата дама“ тргна со првата закана преку Фабио Мирети, ама Сепе го скроти лесно ударот. Веќе во 18. минута гостите на „Алијанц Стадион“ дојдоа до предност. Екс-играчот на Интер, Антонио Кандрева добро се снајде по проигрување од Мацоки и стрела за 0-1 и одушевување на гостинските фанови. Јуве успеа да погоди преку Влаховиќ, меѓутоа голот беше веднаш поништен поради офсајд. Во самата завршница на полувремето, Бремер играше со рака во шеснаесетникот. Тоа му донесе пенал на Кшиштоф Пјонтек кој го матира Перин за 0-2 во четвртата минута од продолжението.
Второто полувреме тргна според планот за Јувентус, бидејќи само шест минути по стартот на продолжението погоди Бремер. Дефанзивецот реализира со глава по центаршут од Филип Костиќ за 1-2 и надеж на домашните. Јуве притискаше, се закануваа Влаховиќ, Милик и Квадрадо, ама безуспешно. Драмата почна во 91. минута, кога Вилхена несреќно го фаулира Данило, па судијата покажа на белата точка. Луиџи Сепе го скроти првиот удар на Леонардо Бонучи, ама стоперот од втор обид стрела за 2-2.
Иако Салернитана ја нападна победата, не успеа во таа намера. Напротив, во последниот напад Јувентус дојде до погодок преку Арек Милик, ама иако цел стадион го прослави, а Полјакот поради соблечен дрес заврши со црвен картон. Следеше повик од ВАР собата, а тоа ги зовре страстите на теренот. Голема мешаница резултира со исклучување за Фацио, Квадрадо, како и тренерот Алегри. Голот не важеше, а по 101 минута игра беше означен крај на мечот со нерешени 2-2.
Јувентус по шест кола има десет бода на осмото место со само две победи и четири ремија, а и Салернитана има толку нерешени исходи, па со седум бода е две места подолу.
THE REFEREE HAS GIVEN OFFSIDE! MILIK’S GOAL WILL NOT STAND!
pic.twitter.com/E4rgw0dJsB— ALAN (@Wotyyt) September 11, 2022