Сензација: Италија ја елиминира Србија од ЕП

Италија го направи најголемото изненадување на Европското првенство во кошарка, откако во осминафиналето ја елиминираше Србија. Аѕурите победија со 94:86, во меч на кој одиграа одлично во второто полувреме.

Србија имаше пет победи во пет натпревари во групната фаза и потоа во нокаут фазата влезе како голем фаворит за медал на континенталниот собир. Дуелот против Италија започна како што посакуваа Србите, па по неколку минути поведоа со двоцифрена предност од 20:9, а по првите 10 минути резултатот беше 28:20.

Во средината на втората четвртина Србија поведе и со 14 разлика (38:24), но Италијанците се вратија и на полувреме Аѕурите губеа со пристојни шест разлика (51:45).

И во првите неколку минути од третата четвртина Србија имаше контрола на резултатот и водеше со 59:49, но потоа почна неверојатниот пресврт на Италија. Пред крајот на третата четвртина Аѕурите не само што ја анулираа негативата, туку стигнаа и до водство од 63:66, благодарение на низата од 17:4.

Србија имаше водство од 68:66 во пресрет на последните 10 минути кога започна вистинското шоу на Италија. Аѕурите започнаа фуриозно направија низа од 16:2, па на пет минути до крајот прв пат стигнаа и до двоцифрена предност од 82:72. Во последните две минути Италија водеше со 79:88 и беше јасно дека ќе се случи сензација.

Предводници на италијанските кошаркарски херои се Марко Спису i Николо Мели кои постигнаа по 21 поени, а Симоне Фонтекио заврши со 19 поени. Кај Србија, единствено расположени беа Никола Јокиќ со 32 поени, а Василие Мициќ постигна 16 поени.

Во четвртфиналето, Италија ќе игра против Франција.

Треба да знаете
Последни објави