Баерн Минхен ремизираше 2:2 со Штутгарт во саботата на „Алијанц арена“ откако прими гол во судиското надополнување, а тоа беше трето последовно реми од стартот на шампионатот. Баерн по шест кола е третопласиран на табелата со два бода помалку од водечкиот Унион Берлин и не делува убедливо.
„Билд“ пишува дека ситуацијата не е најдобра ниту во соблекувалната, каде што главните играчи наводно му вртат грб на Јулијан Нагелсман и му замеруваат што постојано отворено ги критикува, а притоа не сака да преземе дел од одговорноста врз себе. Најискусните играчи Мануел Нојер, Џошуа Кимих и Леон Горецка го напуштиле стадионот без да кажат збор, што е невообичаено, а еден од ретките кои дале изјава е Томас Милер.
„Бесен сум на себе и на сите нас. Секој мора да се погледне во огледало и да размислува за себе. Сите, од првиот до последниот“, изјави Милер.
Тренерот Јулијан Нагелсман повторно критикуваше поединци во неговиот тим по натпреварот.
„Ни недостигаше агресивност. Премалку ризикувавме и бевме себични во нападот. Имавме три големи шанси за да постигнеме гол, но Мусијала, Гнабри и Сане не реагираа добро во тие ситуации“, посочи Нагелсман.
„Билд“ тврди дека играчите почнале да се сомневаат во Нагелсман и неговата тактика откако Баерн Минхен три кола е без победа во првенството, што е навистина реткост.