Легендарната грчка актерка Иренe Папас, позната по култните филмови „З“, „Гркот Зорба“ и „Топовите од Навароне“, почина на 96-годишна возраст.
Грчката актерка глумеше во повеќе од 70 филмови и беше наградена со Златен лав. Ирене на големото платно ги толкуваше хероините како Антигона и Електра, а нејзиниот приватен живот беше повеќе од интересен.
Ирене беше во брак со режисерот Алкис Папас, но по разводот се впушти во романса со славниот актер Марлон Брандо. Врската се чуваше во тајност долго време, а дури 50 години подоцна, кога Брандо почина, таа рече дека никогаш не сакала некој како него.
– Тој беше големата страст во мојот живот, кон него чувствував најмногу нежност и почит, што се две, инаку, тешко помирливи нешта. Никогаш никого не сакав толку многу како него – рекла Ирене.
Во 1952 година се искачи на самиот врв, пробивајќи се во кината ширум светот, што многу други претходно безуспешно се обидувале. Над 70 снимени филмови, што е рекорд за една грчка актерка. Таа ги обиколила сите континенти снимајки ги своите филмови, Холивуд, Југославија, Либија, Мароко, Бразил, Австралија, Португалија.
Ирене Папас глумеше покрај Ентони Квин во филмот „Zorba the Greek“, каде толкуваше грчка вдовица која селаните ја каменуваат поради нејзиниот избор на љубовник. Во политичкиот трилер „Z“ (1969) од Коста Гаврас, сместен во Солун, беше вдовица на ликот што го игра Ив Монтан. Во продукцијата „The Guns of Navarone“ (1961), снимена делумно на островот Родос, таа играше борец на отпорот од Втората светска војна.
Eдна од последните улоги ги оствари во филмот „Мандолина на капетанот Корели“, а последните години боледуваше од Алцхајмерова болест.
„Величествена и динамична, Ирене Папас беше персонификација на грчката убавина на филмското платно и на сцената, меѓународна ѕвезда која зрачеше со грчкото“, изјави министерката за култура Лина Мендони.